Вујовиќ: Нема да биде лесно против Металург

Српскиот вицепрвак Железничар по елиминацијата од ЕХФ Купот, целата своја енергија ја насочи кон СЕХА лигата. Ниту во оваа конкуренција на тимот од Ниш не му одеше најдобро, но минатото коло конечно ја забележа првата победа и славеше над Извиѓач.

Пред дуелот со Металург и гостувањето во Скопје, Вујовиќ очекува возбудлив натпревар.

„Не  чека сериозен натпревар со еден од учесниците во Лигата на шампионите. Металург е млада екипа, но има многу креативни ракометари во својот ростер, и во никој случај нема да ни биде лесно. Сигурен сум дека ќе одиграме натпревар, иако мислам дека нема да има многу публика на трибините“, вели Вујовиќ.

Натпреварот меѓу Металург и Железничар се игра вечерва со почеток во 20:15 часот во СЦ „Борис Трајковски“, а веќе в сабота на истото место во истиот термин, тимот од Автокоманда ќе игра против Татран Прешов.