Втор пораз на македонскиот претставник: Стеауа поуспешна од Работник

Во првиот натпревар на третиот ракометен ден во Струга, составот на Работник загуби од романска Стеауа. Македонската екипа одигра катастрофален финиш на првиот дел кој им овозможи на романците да се радуваат на победа.

Неизвесната игра траеше во текот на целото прво полувреме. Стеауа имаше одличен почеток на мечот, и веќе по првите пет минути имаше предост од 0-3. Сепак во продолжение Работник се врати во игра го израмни резултатот, а во неколку наврати имаше шанса да го превземе водството. Сепак последните пет минути разрушија се што ракометарите на Марковски и Зарков градеа во текот на мечот. Со низа голови Стеауа се одлепи на 15-10, а со последниот слободен удар по истекот на регуларните 30 минути од 12 метри најдобриот ракометар на Стеауа, Јонут Георгеску  ги постави конечните 16-10.

IMG_0339

Во вториот дел продолжи доминацијата на Стеауа која броеше до +8 (23-15).Во средината на вториот дел Работник се обиде да се врати од загубена позиција, но најмногу што можеше е да го намали резултатот 22-19. И тука застана нападот на битолчани, Романците возвратија со нова серија и ги вратија петте голови предност. Во последниот период Стеауа го засили темпото за да го достигне највисоко водство од 28-21 (54′ Георгеску), што значеше мирен финиш за конечни 33-26.

Пецаковски ги предводеше ракометарите на Работник со 7 голови, додека Талевски со 5 и Филиќ со 4 беа најрасположени во составот од Битола. На спротивната страна Јонут Георгеску беше најпрецизен со 9 голови, а Габриел и Шоке со пет и Костадиновиќ со шест голови ја предводеа Стеауа во првата победа на „Струга 2016“.

Ако нема никакви изненадувања до крајот на денот, Работник ќе се соочи со Пелистер во првото пелагонски дерби на двете суперлигашки екипи.