Втор пораз за Македонија на ЕП во Данска

Македонската младинска репрезентација го одигра својот втор меч во рамките на Европското првенство во Данска. Покрај добрата игра, Македонија загуби од домаќинот и својата прва победа ќе ја бара на последниот натпревар од групната фаза.

Избраниците на Јовиќ имаа одличен старт на мечот. Ако вчера бековите немаа свој ден, вечерва благодарение на расположениот Талески, Македонија имаше водство во текот на целото прво полувреме. Највисоката предност Македонија ја достигна во 19-та минута за првите три погодоци предност (8-5), но домаќините не им дозволија на македонските младинци да ја превземат контролата над играта. Разликата од два гола се задржа до самиот крај на полувремето, но Данците ставија точка на првите триесет минути за конечни 11-10 за Македонија.

Домаќините уште на самиот почеток на вториот дел го изедначија резултатот. Македонија имаше шанса повторно да ја врати минималната предност, но избрзаниот удар на Кузмановски беше лесен плен за данскиот голман, а контра-нападот го реализираше Себастијан Агустинус за прво водство на Данска. Младите македонски ракометари испуштија нова шанса преку крило да се вратат во игра, а грешките кои следуваа им дозволија на домашните ракометари предност од 11-14 во 35-та минута.

Македонските ракометари успеаа да се вратат во игра и до 40-та минута да намалат на гол разлика благодарение на погодоците на Талески и Палевски, а во 45-та минута имаа напад за изедначување, но конфузната игра во нападот ја искористи брзоногиот Агустинус и повторно ја одведе Данска на два погодока предност (16-18).

Во средината на вториот дел Филип Талески заработи исклучување од две минути, македонскиот напад изгледаше безопасно, а лесно продадените топки Данците ги претворија во пет погодоци предност (16-21). Високата разлика се задржа до самиот крај за конечни 18-23.

Во редовите на Македонија убедливо најдобар поединец беше Филип Талески кој постигна и осум погодоци, додека македонските голманите собраа вкупно 10 одбрани.

Македонија во недела го игра последниот меч од групата Ц против селекцијата на Холандија, а победа со повеќе од три погодоци ги води македонските младинци во главната фаза.