Вториот тим на ЖРК Вардар го мачеше Дунајварош цели 45 минути

Вториот тим на ЖРК Вардар е поразен од Дунајварош со 28:20 ( 13:9) во рамките во ЕХФ Купот. Покрај поразот од осум погодоци разлика избраничките на Симе Симовски одиграа одличен натпревар против силната екипа од Унгарија. Резултатот не ја одсликува реалноста од теренот бидејќи младите ракометарки на ЖРК Вардар дадоа силен отпор особено во второто полувреме кога имаа и два напади за изедначување на резултатот. Одличен натпревар имаше младата голманка Нина Ладева која со своите интервенции ги воодушеви ракометните љубители во Дунајварош. Убедливата разлика од осум погодоци беше направена во последните десет минути од натпреварот кога ракометарките на ЖРК Вардар паднаа физички и психички, а сето тоа искусната екипа на Дунајварош го искористи во своја полза.

Теодора Керамитчиева беше најефикасна во составот на ЖРК Вардар со седум погодоци, Ангела Тодоровска постигна пет . Во составот на Дунајварош најефикасни со по четири погодоци беа Кристина Тришчук и Мелинда Винзе.

Реванш натпреварот се игра на 23.11.2014 со почеток од 17:00 часот во СЦ ” Јане Сандански”.

Фото: zrkvardar.mk