Втора победа на Охрид во 24 часа

Екипата на Охрид забележа и втора победа во период од 24 часа. По лесната победа на домашен терен против Борец, славеше победа и на гостувањето во Радовиш. Потешко од очекувањата охриѓани го добија мечот со 32:29.

Во поголемиот дел од првото полувреме Радовиш беше во предност, а така и остана на полувремето кога домаќините имаа водство од 17:16. Во продолжението Охрид заигра подобро и веднаш го презема водството. Со серија од 4:0 ја направи првата поголема предност, 22:18.

Оттогаш Радовиш не успеваше да се доближи на помала негатива од три гола. Сите обиди на радовишани за враќање на водството Охрид ги неутрализираше и до крајот на натпреварот рутински ја задржа предноста.

Со оваа победа Охрид останува на првото место на табелата пред дуелот со главниот конкурент Струга во следното коло. За одбележување е настапот на Ивица Илиев во составот на Радовиш кој постигна 13 гола. Во екипата на Охрид најефикасен беше Иван Тасески со 11 погодоци.