Врие од селектори во „Јане Сандански“ (ФОТО)

Првиот ден од Мундијалот во Скопје привлече голем број на познати лица. На трибините во „Јане Сандански“ уште на првиот меч се појавија неколку селектори, но на сениорски репрезентации. Меѓу нив имаше и двајца кои имаат освојувано титули на големите натпреварувања.

Лино Червар, кој е селектор на Хрватска беше во поддршка за својот колега и младите ракометари, кои стартуваа со победа на првенството.

Во Скопје е и селекторот со кој Шпанија дојде до титулата Европски првак во 2018 година во Хрватска, Жорди Рибера.

Меѓу селекторите кои се во Скопје е и Борис Денич. Стратегот кој беше меѓу кандидатите за селекторската позиција на Македонија и понатаму е дел од Саудиска Арабија. Тој денеска имаше можност да следи практично две свои селекции. Прво ги гледаше кадетите од Саудиска Арабија, а потоа и сонародниците од Словенија.

На првиот натпревар во „Јане Сандански“ беше и селекторот на Македонија, Данило Брестовац. Тој заедно со својот помошник, Никола Матлиески беше на трибините и го следеше мечот меѓу Хрватска и Норвешка како загревање за долгиот ден во кој Македонија од 20:30 часот игра против Аргентина.

Ако тука се сметаат и неколку поранешни селектори тогаш списокот е уште поголем.

Меѓу оние кои се појавија првиот ден во СЦ „Јане Сандански“ е и Зоран Кастратовиќ. Тој е поранешен селектор на женската репрезентација на Македонија, како и стратег кој ги предводеше машките сениорски состави на Црна Гора и на Иран.

На трибините беше и Владимир Глигоров, кој во 2008 година беше селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија на Eвропското првенство, а последната работа како селектор ја имаше во Либан.