Време е Будуќност да “падне” пред Вардар

Вечерва од 19:00 часот во “Јане Сандански” ракометарките на ЖРК Вардар ќе се обидат да го скршат проклетството против црногорскиот првак против кого имаат негативен биланс од шест порази во исто толку одиграни натпревари. Единствениот пораз во оваа сезона беше претрпен во Подгорица во првото коло на ЕХФ Лигата на шампионите токму против екипата на Будуќност (23-17). По овој пораз вардарки од натпревар во натпревар го подигаа нивото на својата игра, успевајки да забележат три победи по ред (совладани беа Турингер и два пати Подравка) и во добра атмосфера го очекуваат најважниот натпревар во групата Б.

И двете екипи имаат проблеми со повредени играчи. Најновата информација која стигна од Подгорица е дека вечерва на паркетот во “Јане Сандански” Будуќност нема да може да смета на својата најдобра ракометарка Катарина Булатовиќ што секако ќе биде еден вид олеснување за одбраната на “црвено-црните”. Но не треба да се заборави дека црногорскиот шампион како замена за Булатовиќ ја има Камила Далби која исто така има проблеми со повреда но Аџиќ се надева дека ќе биде подготвена за овој натпревар. Далби е квалитетна ракометарка која може да направи многу проблеми за вардаровата одбрана. Во “црвено-црниот” состав ќе недостасуваат Хмирова, Фернандез, и Јулија Николиќ која се повреди на последниот натпревар против Подравка.

Индира Кастратовиќ (тренер на ЖРК Вардар):

Ова е прв прес каде што не мора да кажам дека игравме лошо и се надевам така ќебиде и понатаму. Има уште простор за напредок, знаеме кој е Буидуќност, финалист од фајналфор лани, максимално се подготвуваме за овој натпревар и мислам дека со помош на публиката, која од натпревар во натпревар ја полни салата девојките ќе излезат мотивирани и на крај ќе биде во наша полза. Будуќност игра агресивна одбрана, моите девојки можеби не се навикнати на таква груба игра. Работевме и се подготвуваме за сите нивни акции и за сѐ што може да се случи во натпреварот. Знаеме дека не треба да дојдат овде и да се тепаме, туку да пружиме добра партија и агресивна одбрана.

Барбара Лазовиќ (десен бек на ЖРК Вардар):

Очекуваме добар натпревар, сигурно дека позитивно е тоа што нашиот тим од меч во меч се крева. Потребно е да покажеме добра и агресивна одбрана и да ги намалиме техничките грешки во нападот.На првиот меч во Подгорица не одигравме како што требаше да играме, а во Морача е тешко да се игра, знаме во какви услови игравме. Сега сме повоиграни и ќе биде подобро

Драган Аџиќ (тренер на Будуќност):

Голем хендикеп за нас е повредата на Булатовиќ, но и Вардар има повредени ракометарки. Најважно за нас е дека нејзината повреда не е посериозна и очекуваме нејзино враќање на паркетот за две до три недели. Штета е што двете екипи не се комплетни, бидејќи тоа би била вистинска проверка и натпревар од кој би можело да се види до каде сме. Проблемите кои ги имаат двете екипи може да влијаат на квалитетот на играта, но се надевам дека ќе продолжиме да го градиме тоа што го започнавме во првите 4 кола, и дека можеме да му парираме на Вардар и во овој состав. Знаеме каква атмосфера не очекува во Скопје, ќе биде тоа голем предизвик за ракометарките на двете екипи и се надеваме на квалитетен натпревар кој ќе го оправда епитетот дерби на колото. Поискусни сме од Вардар, знаеме да се подготвиме за натпреварувачки мечеви и без квалитетни проверки во подготвителниот период , а противникот нема толкаво искуство. Тоа влијаеше на нивнота игра во Подгорица, но сега ситуацијата е поинаква бидејки одиграа 4 натпревари во ЛШ и значително се уиграа. Очекувам поквалитетно издание на Вардар, но знаеме како да им се спротиставиме. Покрај Катарина Булатовиќ имаме проблеми и со Сузана Лазовиќ и Камила Далби но се надевам дека ќе бидат спремни за овој натпревар и дека ќе продолжиме со победите.