ВО ФОКУС – ФРАНЦИЈА- Потрага по втор медал за три месеци (ВИДЕО)

На францускиот женски национален тим се чини дека повеќе му „лежат“ Светските Првенства, бидејќи има освоено еден златен и три сребрени медали, во споредба со само двата бронзени на Европските шампионат. Светската титула од 2003 година беше со победа над Унгарија во Загреб.

По неколку години без забележителен успех и неколку пласмани во чевртфиналиња на големите натпреварувања, Франција стигна до сребрениот медал на ОИ во Рио. Селекторот Оливие Крумбхолц ќе се потпре пред се на бековската линија која е предводена од ракометарката на Вардар, Александра Лакрабер, а тука е и поранешната вардарка Алисон Пино која игра одлично во дресот на Брест. Не смеат да се заборават ниту левото крило Дембеле и новата француска надеж, десното крило Аманда Кулчински.

Голманките Амандин Лејно и Лора Глосер исто така можат да бидат значаен фактор во битките на теренот. Сепак прашање е колку играчите од клупата можат достојно да ги заменат оние од првиот ешалон, па Крумбхолц најчесто ротира осум до девет ракометарки. Франција се наоѓа во групата Б на ЕП и ќе игра против Холандија, Полска и Германија.