Во Првата Лига ќе играат 14 екипи!

Денеска во просториите на Ракометната федерација беше извршена ждрепката за новата сезона во втората по ранг машка конкуренција, односно Прва Лига. Во претстојната сезона ќе играат 14 екипи, иако до стартот на Суперлигата, ќе остане дилемата дали последното место ќе го заземе Младост, или тоа ќе биде составот на Ѓорче, кој задоцни со пријавувањето на екипата.

Што се однесува за Суперлигата, доколку игра таму Младост, ќе има 10 екипи, доколку не играат богданчани, ќе останат во конкуренција 9 екипи, и секое коло ќе има по една слободна екипа. Нови тимови во Првата Лига се Металург Јуниор, Бутел Скопје, Рудар Пробиштип, Вардар Неготино и Делчево, иако дел од нив прават камбек по неколку години апстиненција.

Најстариот ракометен клуб во Македонија, Работнички, не пријави екипа за новата сезона, додека во споредба со лани ќе го нема ниту Вардар 2. Првото коло ќе се игра еден викенд по стартот на Суперлигата, а тоа е 23 и 24 септември.