Во походот кон петтото место: „Гулашот“ последен на македонското мени

Македонија славеше убедливо против Русија во првиот меч од разигурвањето од 5 до 8 место на Мундијалот во Алжир, а оваа победа им ја донесе за противник Унгарија во дуел за петта светска сила во младинска конкуренција.

Избраниците на Илија Темелковски набрзина го аборавија високиот пораз од Франција, и на мечот со „зборнаја“ покажаа дека тоа било само лош ден. Иако ова ќе биде деветти натпревар во дванаесет дена, сигурно има уште по некоја атом од силата во рацете на Кузмановски, Талески, Велковски и останатите.

Унгарија не е воопшто наивна селекција и може да победи било кого, но и да загуби од било кого. Таков и беше нивниот настап на Мундијалот, во стилот топло-ладно. Предводници на унгарскиот состав се ракометарите на Веспрем, Матијас Ѓори и Патрик Лигетвари, кои всушност се и најдобрите стрелци со 47, односно 32 голови.

Посебно внимание треба да се обрне и на пикерот Даниел Фузи, како и на десниот бек Адам Торок и левото крило Давид Фекете, кои се меѓу главните реализатори. Македонија денеска најверојатно повторно ќе игра без Горан Крстевски и Филип Арсеновски, но и без нив младинците покажаа дека можат да бидат конкурентни. Мечот се игра со почеток во 14 часот.