Во очекување на официјална потврда: Македонија утре во 14:00 против Унгарија

Младинската ракометна репрезентација на Македонија својот последен натпревар на Светското младинско првенство во Алжир ќе го одигра утре со почеток во 14:00, според првичниот распоред на ИХФ. Македонија ќе се соочи со Унгарија во борба за петтото место на мундијалот.

По денешната победа над Русија, Македонија ќе се обиде да го постави најголемиот мундијалски успех со освојување на петтото место, но избраниците на Темелковски нема да имаат многу време за одмор и подготовки бидејќи утре е финалниот ден од Светскиот шампионат.

Ниту противникот Унгарија нема многу време за подготовки откако попладнево ја совладаа незгодната репрезентација на Тунис со резултат 30-34. Унгарците за само еден гол не успеаа да ја изненадат Шпанија во четвртфиналето, а во осминафиналето ја елиминираа фаворизираната Словенија со 26-25. Во групната фаза Унгарија беше убедливо поразена од Норвешка, загуби од Германија, а ги совлада Кореа, Фарските Острови и Чиле.

Натпреварот меѓу Македонија и Унгарија на распоредот за утрешната финална програма е закажан веднаш зад натпреварот за седмо место, а според првичната саатница борбата за петтото место ќе започне во 14 часот. Од 16:30 е закажан стартот на мечот за брозата, додека финалето треба да започна во 19 часот.