Во очекување на најголемиот трансфер ова лето: Драган Гајиќ го напушти Монпелје

Еден од најквалитентите десни крила во светот на ракометот, словенечкиот репрезентативец Драган Гајиќ го напушти Монпелје. Денес со соопштение францускиот клуб му се заблагодари за петте години поминати во Монпелје. Словенецот постигна најмногу голови на последниот светски шампионат во Катар, а на крајот на месец мај беше избран за најдобро десно крило во француското првенство. За се што направи за клубот, управата со официјално соопштение му се заблагодари и му посака успех во понатамошната кариера.

Дојде денот кога, Монпелје и Драган Гајиќ со заедничка одлука решија предвреме да го раскинат договорот кој трае до 2017 година. Пристигна во јули 2009 година и по 5 сезони Драган Гајиќ преживеа многу емоции со клубот, но исто толку и создаде… Неколку сезони беше прогласен за најдобро десно крило во францускиот шампионат, а во 2015 година беше најдобар стрелец со 164 постигнати голови. Монпелје сака да му се заблагодари на Драган за неговиот удел во екипата, за почитта, спортскиот дух и вложувањето во изминативе пет години и му посакува успех во новиот клуб.- се вели во соопштението

Според првичните информации Гајиќ веќе потпишал со унгарскиот првак Веспрем каде следната сезона ќе се обиде да ја освои Лигата на шампионите.