Во опуштена вечер Вардар го завери четврт-финалето со нова победа над Загреб

Ракометарите на Вардар го потврдија пласманот во четврт-финалето од Лигата на шампионите со уште една победа против Загреб, а овој пат триумфот беше обезбеден со резултат 32:30. На тој начин уште еднаш беше обезбедено место меѓу најдобрите осум екипи во најсилното клупско натпреварување.

Со целосна контрола на резултатот вардарци уште од првата минута на средбата влегоа сигурно. Поведоа од стартот и во ниту еден момент не му дозволија на тимот на Загреб да израмни. Првото полувреме постојано носеше зголемување на предноста. Најголемата разлика беше во финишот на првиот дел од средбата. После долг период во кој се играше со 4-5 гола предност дојде моментот во кој работите станаа уште подобри и „црвено-црните“ стигнаа до позитива од шест гола со која заминаа и на одмор.

После 19:13 на паузата второто полувреме донесе мало опуштање. Можеби и така делуваше бидејќи Загреб успеа да намали и да дојде до три гола негатива, но не и да направи нешто повеќе. Секогаш кога ќе се намалеше до три гола следуваше акција после која Вардар успеваше да постигне гол за плус четири.

Загреб успеа да намали на два гола на почеток на последните десет минути. Тогаш резултатот беше 29:27 во корсит на „црвено-црните“. Сепак, во завршницата од средбата падна ритамот на играта. Неколку напади не беа реализирани, а Загреб успеа да го казни ова и стигна до погодоци со кои во 57. минута од средбата дојде до првото израмнување на средбата од 30:30.

Тука Скубе успеа убаво да дојде до линијата од шест метри и да реализира, додека составот на Загреб остана без Хрстиќ кој мораше на клупата поради две минути исклучување. Тоа беше искористено, па Вардар успеа со уште една победа го елиминира ППД Загреб и да се пласира во четврт-финалето од Лигата на шампионите каде до утре ќе го чека својот противник иако е сосема извесно дека тоа ќе биде составот на ПИК Сегед.

ВАРДАР – ППД ЗАГРЕБ                32:30 (19:13)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 3500. Судии: Јеспер Кирхолм Мадсен и Хенрик Мортенсен од Данска. Делегат: Сотирис Мигас од Грција.

ВАРДАР: Милосављев, Гедбан (8 одб.), Стоилов 1/1, Кристопанс1/2, Мораеш, Дисингер 1/1, Карачиќ 3/4, Скубе 2/2, Калараш 3/4, Чупиќ 9/10, Дибиров 3/3, Горбок 2/2, Шишкарев 2/2, Борозан 2/5, Војводиќ 1/1, Кисељев 2/4.

Седмерци: 6/6, Исклучувања: 2 мин.

ППД ЗАГРЕБ: Кастелиц (3 одб.), Ристановиќ (2 одб.), Ереш, Мраковчиќ 3/5, Божиќ Павлетиќ 2/3, Контрец 1/2, Буриќ 5/5, Сршен 3/6, Хорват 11/13, Поточник 2/3, Јотиќ, Равниќ 0/1, Мандиќ 0/2, Хрстиќ 1/3, Бичаниќ 2/3, Векиќ

Седмерци: 6/6, Исклучувања: 14 мин.