Во Норвешка ќе се брка перфекција

По триумфот во Германија кај Турингер, ракометарките на Вардар сега повторно патуваат, овојпат во Норвешка кај екипата на Ларвик, на второто од трите планирани гостувања. На северот на Европа отпатуваа 17 ракометарки, истиот состав што триумфираше и пред една недела кај Турингер. Веќе е одработен и првиот тренинг на тимот пред утрешниот меч, а досега вардарки имаат две победи на два меча, па кај Ларвик ќе се бара перфектно отворање на сезона, односно три од три.

Некогаш силниот тим на Ларвик, кој зад себе има една европска титула, две вице европски трофеи и и последните две сезони стигнува до најдобрите осум во ЛШ, сега е пред голем предизвик поради смената на генерациите и целосно реновираниот тим. Вкупно 11 ракометарки заминаа од тимот или пак прекинаа со професионално играње ракомет. Нивните мета ги заземаа неискусни ракометарки, барем со меѓународни натпревари кои во иднина треба да продолжат по успешните стапки на тимот.

Засега тешко им оди на Норвежанките во ЛШ, па на првите две средби Ларвик загуби, дома од Турингер 27:31 и во гости кај ФТЦ, 37:33. Последен пат Вардар и Ларвик играа лани пролетта, кога во реванш натпреварот од четвртфиналето на ЛШ, Норвежанките победија на домашен терен со 28:26, но тоа не значеше ништо, бидејќи на првиот дуел во Скопје вардарки го „демолираа” ривалот и победија со 34:20.

Тој триумф на Ларвик е единствен против Вардар во ЛШ, на четирите меѓусебни дуели. Една средба, првата одиграна во октомври 2013 година во Скопје, заврши со реми, 27:27. Потоа на следните две средби Вардар триумфираше, 31:29 и 34:20.

Средбата меѓу Ларвик и Вардар се игра утре со почеток во 17 часот.