Во драматична завршница Египет ги шокираше Швеѓаните

Во петтиот натпревар на денешната програма од машкиот дел на ракометниот турнир, Шведска сензационално е совладана од селекцијата на африканскиот првак Египет. На натпреварот во кој Шведска го контролираше резултатот 50-тина минути, на крајот Египет го прослави својот подвиг и по несреќниот пораз од Словенија во првото коло ги освои првите два бода на олимпискиот ракометен турнир.

Почетното испитување на силите траеше до четвртата минута кога Шведска ја започна својата серија за четири погодоци предност по првите 10 минути 2-6. Но наместо рутинирана игра и лесна победа, Швеѓаните дозволија грешките да го диктираат исходот на овој натпревар. Египет до 20-та минута го израмни резлутатот на 8-8, а во играта гол за гол двете селекции дојдоа до крајот на првиот дел со конечен резултат 12-13 за Шведска.

Второто полувреме понуди вистински возбудувања. По паузата Шведска ја имаше контролата над играта и резултатот и во два наврати имаа два погодока предност. Во 41-та минута Ким Андерсон повторно ги одведе Швеѓаните на +3. Но ниту тоа не ги обесхрабри ракометарите на Египет. Со трпелива игра ги искористија сите промашени зицери на скандинавците и во 49-та минута повторно го изедначија натпреварот на 22-22. За разлика од првото полувреме, брзоплетоста и нервозата во нападот беа причинители на нови неизнудени грешки во шведскиот состав, а Ел Ахмар имаше вистински шанси да го донесе првото водство на Египет. По двете промашувања конечно третта шанса Ел Ахмар ја искористи и го постави првото водство за африканскиот шампион на овој дуел, 23-22.

5z9rn3G9

Во период кога судиите со најстрога казна ги санкционираа сите погруби контакти, Шведска преку Годфридсон и Нилсон ја врати предноста, а веднаш на тоа возвратија египетските ракометари преку Абуебад и Мохамед за нова промена во водството. Во драматичен финиш кој потсети на долгите неизвесни завршници во кошарката двата тренера во последната минута ги искористија своите тајм-аути, по минутата одмор на Олсон, Нилсон постигна гол за израмнување на 25-25 на 35 секунди до крај, а веднаш потоа својот тајм-аут го искористи и египетскиот селектор Рагаб, а неговата замисла ја реализираше крилниот ракометар Елбасуни, кој ја донесе радоста на Египет со својот прв гол на натпреварот на пет секунди до крај за конечни 26-25.

Најпрецизен во составот на Египет беше Мохамед Санад со седум голови, додека Еиса постигна пет во победата на Египет. Во поразот на Шведска, Петерсен постигна пет погодоци, а Толбринг, Јакобсен и Нилсон по четири. И во вториот натпревар на Олимписките игри, Шведска го нема придонесот од ветеранот во составот на скандинавците, Ким Андерсон кој се врати од репрезентативна пензија да и помогне на својата земја.

Во следното коло во четврток, Египет ќе се обиде да го завери своето место во осминафиналето против селекцијата на Полска(16:30), додека во дерби натпреварот од третото коло Шведска за своите први бодови на овој турнир ќе се бори со селекцијата на Словенија(петок, 00:50).