Во Битола започнаа подготовките за новата сезона: Еурофарм Работник отвора ново поглавје(ФОТО)

Македонскиот суперлигаш Еурофарм Работник ги започна подготовките за следната сезона. На терените на спортско-рекреативниот центар „Довлеџик“ тренерот Андон Бошковски означи почеток на ново поглавје во историјата на амбициозниот ракометен колектив.

Составот на Еурофарм Работник го задржа својот костур па во екипата и наредната сезона ќе настапат Златко Мојсовски, Лазо Мајнов, Пецаковски, Крстевски, Трајковски, Талевски, Петровски, Чаневски, Чурлевски, Мемиќ… Екипата заедно со новите засилувања Гоце Ојлески, хрватот Лука Ковачевиќ и црногорскиот интернационалец Чампар ќе се обиде во првиот европски настап да ги исполни своите цели и очекувања преку натпреварите во Челинџ Купот.

Според планот на подготовки ракометарите на битолскиот тим на 11 август ќе заминат во Маврово во првата фаза од подготвителниот период. Кон крајот на август тренерот Бошковски преку силни контролни натпревари со екипи од Словенија и Хрватска ќе има можност да ги поправи деталите во играта на неговиот тим. По враќањето во Македонија на почетокот на септември Еурофарм Работник ќе продолжи со тренинзи во Битола до почеток на сезоната во македонското првенство.