Војводина лесен предизвик: Вардар се врати со два бода од Нови Сад

Во натпревар од 9 коло, од СЕХА лигата, во Нови Сад екипата на српскиот шампион, Војводина беше домаќин на македонскиот вицепрвак Вардар. Гостите очекувано излегоа како победници со резултат 21-26. Домаќините иако свесни за надмоќта на противникот, пружија достоен отпор кој по првите триесет минути им донесе два гола предност 12-10.
Натпреварот го отвори Блаженко Лацковиќ со својот прв гол на официјален натпревар во “црвено-црниот” дрес. По одличните 13 минути игра Вардар имаше пет голови предност 1-6. Во тој период, гостинскиот тренер се одлучи целосно да ја смени првата постава што резултираше со пад на играта на македонскиот вице-првак. До 22-та минута по многубројните технички грешки во нападот и неизнудените удари од далечина, Војводина, со голот на Тодоровиќ од 9 метри, дојде до изедначување 6-6, а две минути подоцна и до првото водство од два гола разлика 10-8, со погодокот на Елезовиќ од 10 метри. Предноста домаќините ја зачуваа до истекот на 30-та минута, пред се благодарение на одличниот голман Перовиќ.
Пред почетокот на натпреварот “црвено-црните” најавија дека предноста на овој натпревар ќе се покаже во второто полувреме. Иако сеуште техничкиот дел има простор за подобрување и не е на оптималното ниво, Вардар физичкиот дел од подготовките го одработи беспрекорно, што значеше доминација во последните триесет минути од натпреварот.
Војводина на почетокот на вториот дел поведе со највисоките три голови предност благодарение на најдобриот поединец во редовите на “црвено-белите”, Датукашвили. Но тука застана моторот на Војводина, Вардар со цврста и компактна одбрана и одлични конта напади, кратки брзи и продорни акции за 10 минути игра го врати највисокото водство на овој натпревар, за 13-18. Српскиот шампион го загуби чекорот со македонскиот вице-првак што резултираше со највисокото водство од седум голови разлика, 17-24 во 51-та минута. До крај Војводина единствено успеа да го ублажи поразот за конечни 21-26.
Во редовите на Вардар, Брумен беше беспрекорен со 6 постигнати погодоци, додека Лацковиќ погоди 4 пати од 5 обиди.
АРПАД ШТЕРБИК (голман, Вардар):

Ова беше добар натпревар за нас. Во второто полувреме игравме добро и во нападот и во одбраната што беше клучно за нашата победа во овој натпревар.

БОЈАН ПЕРОВИЌ ( голман, Војводина):

Вардар денес покажа дека е тим од светска класа. Во второто полувреме ги казнија сите наши грешки. Во првото полувреме игравме на исто ниво како нив што е голем успех за нашата екипа. Се надевам дека во иднина и нашата форма ќе оди во нагорна линија.

РАУЛ ГОНЗАЛЕС (тренер, Вардар):

Сакам да и честитам на екипата на Војводина на нивниот настап вечерва. Не игравме со нашите најдобри ракометари во вториот дел од првото полувреме, момент кој го искористи Војводина. Во првите 15 минути од второто полувреме бевме многу поангажирани и го решивме натпреварот во наша корист.

ЃОРЃЕ ЧИРКОВИЌ ( тренер, Војводина):

Ова е првпат да бидам среќен по изгубен натпревар. И претходно реков дека наша цел е да ја подигаме нашата форма од натпревар во натпревар. Се согласувам со мојот колега дека првите 15 минути од второто полувреме беа одлучувачки за победникот на овој натпревар. Потребни ни се уште два до три квалитетни ракометари за нешто повеќе, но јас сум задоволен од нашиот денешен настап.