Вори за 24 Ракомет: Во Македонија ракометот е спорт број еден, два и три!

Спортскиот директор на сите машки репрезентации на Хрватска, Игор Вори после ждрепката за Европското првенство имаше интересни коментари за групите за овој шампионат. Иако на прв поглед можеби некои од групите изгледаат дека се помалку квалитетни, сепак, тој не се согласува со таквите размислувања.

Македонија ќе игра во групата Б со Чешка, Австрија и Украина, а Хрватска би можела во вториот круг да ги одмери силите со нашата селекција. Вори ги истакна очекувањата и фаворитите.

„Нема лесни групи, за ниту една не може да се каже дека е лесна. Иако навидум за јавноста групите А, Б и Ц изгледаат послаби јас не мислам така. Чешка на последното Европско првенство играше феноменален ракомет, се појавија некои нови млади играчи во комбинација со поискусните стигнаа до самата завршница на турнирот. Во групата Б според мене Македонија, Чешка и Австрија се фаворити да поминат во главната фаза. Македонија има европски клупски шампион, ракометот е спорт број еден, два и три. Целата нација живее за репрезентацијата, клубовите и ракометот воопшто, тоа е нешто неверојатно. Во овој дел на ждрепката се Шпанија и Германија и на ниту една селекција нема да и биде лесно. Сигурен сум ќе има изненадувања. Може да мислиме дека А, Б и Ц групите се полесни, но тоа не е така. Денес сите играат ракомет. Сите знаат да трчаат и добро да шутнат, колку посериозно се влезе во дуелите толку полесно ќе биде на теренот“, коментираше Вори за 24 Ракомет.

Хрватска е во балканската група со Црна Гора, Србија и Белорусија, но Вори не го поддржува терминот „балканска“. Според него сите тие се ракометари и спортисти од каде и да се. Според Игор Вори групата А е многу неизвесна.

„Во нашата група секој секого може да победи. Игравме со Србија во квалификациите, првата нерешено, а втората во Задар поведовме рано, но во вториот дел не притиснаа и тешко победiвме. Тие се квалитетна репрезентација која промени многу во играта и тоа на подобро што може да се забележи. Тука е Црна Гора која ги почна квалификациите изненадувачки слабо, а потоа на натпреварот со Данска забележаа победа и го урнаа светскиот првак. Со Белорусија на последното првенство остваривме многу тешка победа во последните секунди. Сè на сè многу незгодна група“, рече Вори.

Шампионатот стартува на 10 јануари, а вториот круг е од 16 јануари кога може да дојде и до дуел меѓу Македонија и Хрватска.