Вори: Дали Македонците се изненадување на СП? Секако дека не!

Пред балканското дерби од групата Б против нашата репрезентација кое на програмата е денес од 17:00 часот, Хрватите одржаа прес конференција на која селекторот Голужа во друштво на капитенот Вори и голманот Ивиќ ги искажаа своите очекувања за престојниот меч:

Славко Голужа (селектор, Хрватска):

Многу ја респектираме репрезентацијата на Македонија. Доста се попалени на нас, и не очекува едно право балканско дерби. Не се плашиме од нив, но ги респектираме. Сакаме да одиграме најдобро што можеме но треба да бидеме искрени-шансите ни се подеднакви!

Игор Вори (капитен, Хрватска):

Очекувам еден нервозен натпревар. Вистинска борба! Сите добро се познаваме и нема многу што да се сокрие. Ќе одлучуваат нијанси. Еден ракометар ќе го одлучи натпреварот, една голманска интервенција..Затоа и напоменав дека шансите се еднакви.
Многу ме прашаа дали се Македонците изненадување? Тие играат одличен ракомет и не е случајно тоа што го прикажуваат овде. Имаат искуство од големите натпреварувања и не се изненадување. Се гледа добрата работа во клубовите, имаат два силни клуба. Тука е и еден Кирил Лазаров кој е нивни лидер. Споменав веќе дека не победува поединец туку тим. За нив ќе биде голем мотив да ја совладаат Хрватска. За Ивица Обврван тоа би била една од поголемите победи во неговата кариера.

Филип Ивиќ (голман, Хрватска):

Секој ракометар е важен и мора да ја искористи можноста која ќе ја добие. Не очекува тежок натпревар против Македонија, тоа е најважниот натпревар во групата. Не се сомневам во нашиот квалитет и ќе влеземе максимално во натпреварот.