Влезниците распродадени, но меч ќе нема: Хрватска и Србија нема да играат во Сплит?

Влезниците за големото дерби меѓу Хрватска и Србија на Европското првенство во јануари се веќе речиси распродадени, но организаторот има проблеми така што овој меч може воопшто да не се одигра во Сплит.

Хрватска треба да биде домаќин во Спаладиум арена во Сплит, но досега градот го нема потпишано договорот кој е потребен за да може да се играат натпреварите во овој град. За да се случи тоа има рок од уште една недела, па ќе мора да се побрза доколку Хрватска сака да го огранизира првенството во Загреб, Сплит, Пореч и Вараждин.

Во Сплит треба да се одиграат сите средби од групата А. Покрај Хрватска и Србија тука се и Шведска и Исланд, но јасно е дека најголемото внимание го привлекува дуелот меѓу Хрватите и Србите меѓу кои секогаш има големо ривалство.

„Последните неколку денови ни донесоа огромен притисок од Европската ракометна федерација. Оттаму се бара доставување на потпишаните договори со градовите во кои ќе се играат натпревари. Имаме проблем што во моментов уште немаме договор со градот Сплит. Тој договор мораме да го доставиме во ЕХФ до следниот понеделник. Условите се веќе договорени, но формално уште не сме го потпишале овој договор, па ќе мораме да го средиме тоа во брзо време“, вели Претседателот на Хрватската ракометна федерација, Томислав Граховац.