Владо Шола за 24ракомет: Очекувам Македонија да ја победи Босна и Херцеговина!

Во Катар како подршка на својата репрезентација се наоѓа и легендарниот хрватски голман, Владо Шола. Пред натпреварот Македонија-БиХ, ексклузивно за 24ракомет типуваше кој ќе биде победник на овој натпревар, давајки и мала анализа на играта на нашата репрезентација по првите две кола:

Од она што јас имав прилика да видам како игра Македонија посебно на натпреварот против Тунис, јас мислам дека Македонија ќе победи денес. Имаат една озбилна репрезентација,посебно напаѓачки ориентирана. Многу ми се допаѓа како играат посебно Киро кој одлично ја одработува својата улога, сега веќе не е само шутер туки и асистент кој одлично ја разигрува својата репрезентација.Имаат шанса да направат голем резултат, а колку далеку ќе стигнат останува да видиме.

На прашањето кои се слабостите на нашиот национален тим Владо Шола вели:

Тешко е да се говори за одредени слабости по две одиграни кола, но тоа што можев да го видам на натпреварот против Тунис можеби одбраната која ја играат против технички подобри играчи ќе биде проблем, посебно на втрчувањето на бековите на втор пивот каде се остава малку поголем простор позади. Но, ќе повторам можеби тоа беше само мој погрешен впечаток од првите два натпревари. Ќе видиме во натпреварот кој следува.