Вицешампионот Еурофарм Работник убедливо на генералката со Охрид

Ракометарите на Еурофарм Работник последната проверка пред стартот на натпреварите во СЕХА-лигата ја имаа против составот на Охрид, а победата беше обезбедена без поголеми проблеми со 30:23.

Битолчани покажаа дека се наоѓаат во добра форма пред натпреварот на 4 септември против тимот на Спартак Москва.

На контролата против Охрид составот на Еурофарм Работник уште во првите 30 минути реши сè, па во вториот дел шанса за да играат добија сите ракометари и ова беше секако шанса за Алушовски да види на кого може да смета на првиот меч.

Покрај Ратајец кој е повреден и надвор од комбинација за настап против Спартак на оваа средба во тимот ги немаше и Митревски и Кукоски кои добија можност да одморат.

Бојан Маџовски беше најефикасен во победничкиот состав со пет погодоци, додека кај Охрид засилувањето Тот беше прв стрелец со осум гола.