Вицепрвакот во погон: Еурофарм Работник ги започна подготовките за новата сезона

Стевче Алушовски денес прозиваше во спортската сала во Битола. Еурофарм Работник ги започна подготовките за новата сезона во која клубот го очекуваат големи домашни и меѓународни предизвици.

24 ракометари се појавија на првата прозивка, а меѓу присутните беа и новите ракометари: Митревски, Маџовски, Велковски, Вегар, Јотиќ, Ратајац и Шевелев. Тренерот Алушовски истакна дека симпатизерите на клубот ќе бидат горди на ракометарите оваа сезона.

„Имаме многу искусни играчи, иако клубот е млад и првпат ќе игра ов двете натпреварувања. Верувам дека ќе бидеме здрави и добро ќе се подготвиме, а потоа на теренот со секој противник ќе играме рамноправно. Ги знаеме ривалите, распоредот, планот на подготовките, сега на нас е да бидеме подготвени за тоа што не очекува“, рече Алушовски.

Утре во 10:00 часот изутрина Еурофарм Работник заминува на подготовки во Маврово, а во август ќе биде дел од два силни интернационални турнири – во Струга и во Добој. Дебито во СЕХА лигата предвидено е за 3 септември.