Висок пораз од Полска за кадетките, со Бугарија ќе се бориме за трето место

Женската кадетска репрезентација на Македонија убедливо загуби од Полска со 31:14 во дуелот што решаваше која од двете репрезентации ќе игра во финалето на ЕХФ шампионатот во Скопје. На избраничките на Јулијана Црвенковска сега им преостанува борбата за трето место.

Македонија водеше само на стартот на дуелот со голот на Тасевска, но тоа беше се. Полска брзо се одлепи на 6:2, во овој период црвен картон поради груб старт доби една од најдобрите наши репрезентативки Милица Николиќ, и се знаеше дека ќе оди тешко до крај.

Серијата продолжи и до 11:2, пред судиите да доделат црвен картон и на спротивната страна, а Полска обезбеди високи 11 разлика на паузата, 17:6. Во вториот дел игра со премногу грешки и промашени зицери, па високиот пораз со конечни 31:14 беше неизбежен.

Најдобра ракометарка во македонскиот состав беше Смајлоска со 4 голови до моментот кога го доби црвениот картон во 42 минута, а 3 голови постигна Тасевска. Македонските кадетки ќе играат против Бугарија утре во 17:30 во меч за третото место на ЕХФ шампионатот во Скопје.