Висок пораз на Македонија за крај на евро-квалификациите

Единствена непозната кога во прашање е Европското првенство во Шведска од квалификационата група 4 е пласманот на Словенија како најдобра третопласирана репрезентација. Хрватска и Црна Гора се сигурни патници и затоа последните дуели немаат дополнителен притисок и императив за победа.

Македонија вечерва го одигра последниот натпревар од овој квалификациски циклус, а противникот Хрватска уште пред три дена го осигура својот билет за Шведска. Сепак Хрватките сакаа да остават убав впечаток пред своите навивачи во Ријека и да покажат дека лошата епизода од минатиот континентален собир, кој се одржа токму во Хрватска, е веќе зад нив.

13325481_1291455667550868_5870427910011523422_n

Во натпревар без резултатски товар, домаќинките ги разрешија сите дилеми околу победникот во почетните десет минути. Клучен период за хрватската репрезентација беше воведот на натпреварот по кој со серија од 7 голови во низа, Хрватска имаше високи 8-1. Македонија не можеше да им парира на Хрватките во ниту еден сегмент од играта, а тоа се одрази на резултатот. По дваесет минути игра Хрватска имаше двоцифрена предност. Башиќ во 24та минута ги постави највисоките дванаесет голови разлика, а до крајот на полувремето девојките на Симовски намалија два погодока за конечни 17-7.

Во вториот дел продолжи рутинираната игра на Хрватките. Три минути беа потребни да се врати највисоката предност на домаќините, но Македонија веднаш возврати. Во најголемиот дел од второто полувреме Македонија беше рамноправен противник, а разликата меѓу двете екипи се одржуваше на десет голови.

Сепак во последните десет минути од натпреварот, падна концентрацијата во редовите на Македонија, а домаќинките тоа го искористија за да ја обезбедат највисоката победа во овој квалификациски циклус. Најпрво Човиќ  во 50-та минута ги постави првите четирнаесет погодоци предност (28-14), а Блажевиќ во 58-та највисоките седумнаесет за 35-18. Јовановска од пенал стави точка на уште еден неуспешен настап на македонската репрезентација со погодок од линијата за седум метри, за конечни 35-19.

Најпрецизна на теренот беше вардарката Пенезиќ со седум погодоци, додека Јанковиќ и Башиќ ја следеа со по пет. Во редовите на Македонија Митова, Јовановска, Ливриниќ и Ристовска постигнаа по три погодоци со лош процент на реализација.