Висла Плок меѓу потенцијалните противници на Вардар: Совладан Фленсбург за трето место во групата Б

Во натпреварот кој директно одлучуваше кој тим ќе се најде на третата позиција во групата Б, и ќе влезе во групата на потенцијални противници на Вардар во осминафиналето, Висла Плок на домашен терен го совлада Фленсбург со резултат 31-29(14-13). Германците во Плок допатуваа без своето ударно бековско дуо Могесен-Гландорф по што им беше отежната задачата да стигнат до победа на жешкиот терен во Полска.

ГРУПА Б

ВИСЛА ПЛОК-ФЛЕНСБУРГ 31-29 (14-13)

Полскиот состав имаше добар почеток на натпреварот и со головите на Никчевиќ, Зеленовиќ и Сипрзак имаше воство од 3-0 по пет минути игра. Захарисен во шесттата минута го постигна првиот гол за европскиот шампион, а веќе во наредниот напад Јакобсон намали на 3-2. Во продолжението на натпреварот Висла Плок заигра многу подобро и постојано го зголемуваше своето водство кое во 21 минута со вториот гол на Тиуменцев стигна до високи +7, 13-6. Меѓутоа во последните десетина минути од првиот дел Фленсбург покажа зошто се наоѓа на врвот на Европа, успеа да направи фантастична 7-1 серија со која комплетно се врати во игра на овој натпревар. Расположениот Драшко Ненадиќ со својот четврти погодок стави крај на првото полувреме за конечни 14-13 за Висла Плок по триесет минути игра.
Фленсбург во воведните десет минути од вториот дел ја одржуваше резултатската неизвесност (19-18), по што следуваше серија од 3-0 на домаќините која ја отвори Никчевиќ а ја затвори Дашек за 22-18 во 43 минута. Пољаците продолжија во исто темпо и на десетина минути до крајот веќе имаа високи +5, 25-20, а гостите само успеаа да стигнат на -2, 29-27 во 58 минута. Сепак Висла успеа да ја задржи предноста до крајот и стигна до значајна победа од 31-29, со која го освои третото место во групата Б и стана еден од потенцијалните противници на Вардар во осминафиналето.

Најпрецизни во екипата на Висла беа Никчевиќ со 7 и Дашек со 6 погодоци. Во германскиот состав најрасположен за игра беше Драшко Ненадиќ со 6 гола.