Висла Плок и го нанесе првиот пораз на Барселона

Во натпреварот од групата Б, полскиот шампион Висла Плок на домашен терен успеа да ја совлада Барселона со 34-31, нанесувајќи и го првиот овогодишен пораз во групната фаза во ЛШ. Ова е мошне значајна победа за екипата на Висла во борбата за пласман во осминафиналето.

ГРУПА Б

ВИСЛА ПЛОК-БАРСЕЛОНА 34-31(17-15)

Домашната екипа носена на крилјата на своите фантастични навивачи го превзема водството од самиот почеток на натпреварот. Барселона непрепознатлива во нападот со голем број на технички грешки не можеше да влезе во својот препознатлив ритам во поголемиот дел од првото полувреме. Тоа го искористи мотивираниот полски состав и со фантастична игра успеа на два пати да дојде до највисоките +6 (11-5) и (13-7). Барселона најчесто поентираше преку контра нападите на Сигурсон кој беше непогрешлив во првиот дел постигнувајќи 5 погодоци со стопроцентна ефикасност. Сепак до крајот на првото полувреме Барселона успеа да намали дел од големата негатива и со голот на Лазаров од пенал во последните секунди да отиде со -2 на полувреме 17-15.

Лазаров со 2 погодоци од седум метри го отвори второто полувреме израмнувајќи на 17-17. И кога се чинеше дека каталонците ќе успеат да го фатат својот препознатлив ритам, Висла одговори со стил и во 39 минута повторно се одлепи на +4, 22-18. Барселона цело второ полувреме се обидуваше да се врати во игра но безуспешно. Јуркевич со неколку голови во серија ја одржуваше предноста на полскиот состав, а Никчевиќ зголеми на пет голови предност на 10 минути до крајот. Барселона со голот на Сораиндо успеа да намали на -2, 33-31 на две минути до крајот. Сепак тоа беше и последниот обид на каталонците да се вратат во игра. Романскиот интернационалец Гионеа на минута до крајот ги постави конечните 34-31, за голема победа на екипата на Висла Плок.

Немања Зеленовиќ со 7 и Јуркевич со 6 гола беа најпрецизни во полскиот состав,а во екипата на Барселона Рутенка со 9 и Лазаров со 7 ја предводеа листата на стрелци.