Вечното дерби во убав сјај: Металург ги испоти вардарци, но шампионот се израдува на победа

Вардар го совлада Металург со 27:26 во вториот СЕХА-дуел сезонава во натпревар кој донесе 60 минути добар ракомет и 60 минути надигрување. Сепак, на крајот одлучуваше една топка, а таа беше на страната на актуелниот првак кој уште еднаш го надигра Металург и тоа третпат сезонава.

Стартот на средбата мина во мирна игра. Вардар тргна сигурно и после 15 минути игра имаше преднсот од четири гола. Поведе со 8:4 и најави нов триумф на вечното дерби. Сепак, после овие четири гола предност дојде до пад во играта. Парондо ја смени цела постава со исклучок на голманот Марко Кизиќ кој продолжи да брани, а Металург оваа ротација на гостите ја искористи за да се врати во игра.

Во 21. минута резултатот беше 9:9, а после новото израмнување на 10:10, металурзите добија дополнителна сила и отидоа на плус два, разлика која ја зачуваа до крајот на првото полувреме, а на одмор имаа 13:11.

Двата гола предност од првиот дел за шест минути игра беа двојно зголемени. Металург имаше 16:12 и тука зададе сериозен удар против актуелниот СЕХА-шампион. Вардар мораше да засили, а Парондо не се одлучи на комплетно менување на поставата туку на комбинација со дел од ракометарите. Разликата продолжи да се движи од два до три гола, а враќањето во мечот „црвено-црните“ го имаа во 51. минута кога израмнија на 21:21.

Она што Даниловски го правеше на почетокот на вториот дел кога одбрани неколку удари во серија, го врати Марко Кизиќ во последните минути од средбата. Со неколку одбрани на зицер удари придонесе за враќање на Вардар во предност од два гола и 25:23 на четири минути до крајот.

Сепак, немаше поголема предност туку Металург се врати на нерешено и до крајот имаше драма. Вардар имаше напад за победа при 27:26, но тогаш Дисингер направи чекори. Последниот напад беше за Металург, но комбинираа премногу, а последниот шут на Шпенде заврши покрај голот.

МЕТАЛУРГ  – ВАРДАР   26:27 (13:11)

Сала: СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 500. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Битола. Делегат:Ацо Николовски од Скопје.

МЕТАЛУРГ: Томовски 1/1 (2 одб.), Даниловски (8 одб.), Јагуриновски 1/3, Лазаревски, Димитриоски 1/2, Токиќ 4/7, Шилегов, Танкоски 0/2, Серафимов 2/3, Шпенде 6/14, Рибеиро 1/3, Пучник 2/3, Миличевиќ 4/5, Маџовски 1/3, Стојановиќ 3/5, Арсеновски.

Седмерци: 1/3, Исклучувања: 4 мин.

ВАРДАР: Кизиќ (13 одб., 2 сед.), Милосављев, Недановски 1/1, Оцвирк, Поповски 1/2, Кристопанс 5/8, Дисингер 5/7, Карачиќ 2/4, Скубе 4/5, Калараш 1/1, Чупиќ 5/5, Шишкарев, Војводиќ 2/5, Кисељев 1/3, Атанасовски, Мишевски.

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 6 мин