Вецлар и Миркуловски паднаа од Магдебург

Екипата на Вецлар по минатонеделниот натпревар против Кил одново се соочи со противник од најдобрата петорка во Бундеслигата. Овој пат тимот во кој настапува Филип Миркуловски се соочи со Магдебург на гости и доживеа очекуван пораз (30:25).

Филип Миркуловски не се изнаигра, а дуелот го заврши со две асистенции. Слично издание понудија и останатите негови соиграчи, а Стефан Чавор погоди осуm пати. Фаворизираниот Магдебург имаше потешкотии само на почетокот кога се започна изедначено, а Вецлар дојде и до првата предност на натпреварот (5:3).

Домаќинот брзо се врати во игра и набрзо поведе, а во последните пет минути од првото полувреме потполно го сруши противникот и се стекна со водство од 18:13 со кое замина и на паузата. Сликата од вториот дел беше слична на онаа од првиот, но за разлика од тогаш, Магдебург имаше одлична предност која успеваше да ја оддржува.

Вецлар во еден период успеа да намали на два гола негатива, но тоа беше најдоброто што може да го направи бидејќи Магдебург не дозволи изненадување и стигна до лесни поени. Матијас Муше беше разурнувачот на Вецлар. Најдобриот стрелец во Бундеслигата овој натпревар го заврши со 13 постигнати гола, а Магдебург и дефинитивно го обезбеди местото во Купот на ЕХФ за следната сезона.