Веспрем триумфираше против ПСЖ!

Вечерва во Веспрем арената се одигра мечот на деветото коло меѓу домаќинот Веспрем и најскапиот ракометен тим во светот, екипата на ПСЖ. Веројатно двете најмоќни екипи во Европа оваа сезона се сретнаа во својот втор дуел, а исходот е изедначен со по една домашна победа за двата тима. Унгарскиот шампион имаше предност во текот на сите шеесет минути, а одличните интервенции на Миклер, расположените Илиќ и Наѓ и најлошото второ полувреме на францускиот шампион, му донесоа нови два бода на Веспрем.

Од самиот старт Веспрем ја најави одмаздата за поразот во Париз, со серија од 3-0 по првите 3 минути имаше комотно водство, кое до 10-та минута го дуплираше за 8-2. Кога сите очекуваа мирна и рутинирана победа, се разбудија ѕвездите на ПСЖ, Аноне успеа да забележи неколку интервенции во низа, а Молгард, Нарцис и Вори ја преполовија високата разлика на домаќините. Составот на Нока Сердарушиќ полека ја враќаше контролата врз својата игра, а единствен проблем за француските ракометари претставуваше унгарскиот голман Миклер. Во 20-та минута, ПСЖ имаше негатива од два гола откако Онуфриенко стрелаше прецизно за 12-10, истата разлика се задржа до крајот на првите 30 минути за конечен резултат 16-14.

По паузата Онрубија го намали водството на Веспрем на само еден гол 16-15, но наместо да го искористат моментот и да донесат неизвесност во овој меч, дрим-тимот од Париз не можеше да ја погоди мрежата на Веспрем во наредните седум минути. Унгарскиот шампион со серија од 4-0, обезбеди мирна завршница во последните дваесет минути. Одличната игра на домаќините им донесе и највисоки осум голови разлика во 48-та минута (25-17).  По шеесет одиграни минути Веспрем славеше убедлива победа со 28-20.

Двата тима ја немаа вистинската поддршка од нивните најголеми ѕвезди, Арон Палмарсон и Микел Хансен, затоа Момир Илиќ постигна 10 голови за Веспрем, а го следеше Сулиќ со шест. Кај гостите Нарцис постигна четири, додека Вори и Карабатиќ запишаа по три голови зад своите имиња.