Веспрем пресилен за Загреб

Почетокот на второто полувреме и одличните интервенции на Алиловиќ го одлучија вечерашниот победник на дуелот меѓу Веспрем и ППД Загреб. Во натпреварот од 9-то коло од СЕХА лигата, унгарскиот шампион го пречека хрватскиот првак. Потешко од очекувањата Веспрем ги совлада „плинарите“ со конечен резултат 27-22.

Натпреварот кој го судеше македонскиот судиски пар Кркачев-Колевски започна нервозно и подеднакво ефикасно на двете страни. До 8-та минута Загреб беше во егал со унгарскиот гигант, но Заиц и Илиќ за прв пат донесоа два гола предност за својот тим. Ракометарите на Веселин Вујовиќ сепак не се предадоа, во 15-та минута изедначија на 7-7 , а предноста која Веспрем ја создаваше од два или три голови траеше кратко. Токму во последната минута од првиот дел Тончи Валчиќ израмни на 13-13, но Момир Илиќ беше побрз од сирената и ги постави конечните 14-13 по првите 30 минути игра.
Второто полувреме започна со 3-0 серија на домаќините за 18-14 по првите 5 минути игра, клучна разлика која искусниот тим на Веспрем ја задржа до крај на натпреварот. Загреб на неколкупати се обиде да го намали водството, а најблиску беа во 41-та минута кога Ловро Шпрем го намали заостатокот на 21-18. Во следните два напада ракометарите на Загреб имаа шанса да се вратат во натпреварот, но Алиловиќ одбрани неколку зицери по ред, за крај на надежите на младите хрватски ракометари.
Најпрецизен на натпреварот беше Андреас Нилсон со импресивни 9 од 9, а во редовите на Загреб Лука Раковиќ погоди 4 пати.