Веспрем покажа моќ против Келце и обезбеди финале во Келн

Екипата на Веспрем е првиот финалист во Келн откако денеска во првото полуфинале го совлада тимот на Келце со 33:30 откако во најголемиот дел од средбата и беше во предност. После над 40 минути игра без Штербик, но и цел меч без Манасков тимот на Веспрем најде сили и начин како да се избори за место во финалето каде по три години пауза ќе се обиде да се искачи на тронот.

Предводени од Арпад Штербик ракометарите на Веспрем успеаја брзо да стигнат до 4:0 и уште на стартот од мечот да најават убав меч. Имаа сигурна предност благодарение на добрата одбрана, но и на одличниот Штербик кој запре неколку тешки удари и ги откажа противниците. Оваа разлика се чуваше некое време, а разликата почна да се топи после 7:3.  Келце успеа да се консолидира и да биде на 3-4 разлика, но проблемите за Веспрем дојдоа кога Штербик заработи повреда.

При напад на Мамиќ, тој го нагази Штербик на десната нога, а тоа беше знак за интервенција на докторскиот тим на Унгарците. Немаше позитивни вести за голманот и мораше да го напушти теренот. Многу брзо и Келце дојде до нерешени 8:8, а потоа и до предност. Практично од 8:5 за Веспрем се дојде до 8:10 и тука работите се свртеа целосно во еден друг правец.

До крајот на првото полувреме тимот од Полска беше тој што го диктираше резултатот, а екипата на Веспрем мораше да се одржува. Издржа и на одмор се замина со 13:13.

Второто полувреме почна со многу поинаква игра. Ракометарите и на двете екипи се растрчаа. Почнаа да играат далеку побрзо и да ги завршуваат акциите после само неколку секунди. Тоа носеше брзи голови, а Веспрем беше составот кој беше постојано во предност. При една таква брза игра и многуте акции клучниот момент дојде при 18:18. И двете екипи имаа исклучување. Благотиншек заврши на трибини поради удар во лице на противникот. Николов и Начевски оправдано му доделија директен црвен картон, но веќе во истата акција и Алекс Душебаев заработи две минути, па силите беа израмнети.

Немаше простор за многу тактика, но Талант Душебаев реши да ризикува. Тргна без голман и погреши. Во неполни две минути Веспрем го наполни голот на противникот и имаше 22:18 со што почна да го диктира темпото. Келце се враќаше одново, но беше тешко бидејќи никако не можеше до израмнување. Сите обиди за последниот чекор беа залудни. Најблизу дојдоа при 28:27, но тогаш одново следуваше казна. Одбрани Миклер, реализираа во напад играчите на Веспрем и на две минути до крај беше 32:28. Највисоките четири гола беа достигнати така што стана јасно кој оди во финалето.

ВЕСПРЕМ – КЕЛЦЕ          33:30 (13:13)

Сала: Ланксес Арена во Келн. Судии: Славе Николов и Ѓорѓи Начевски од Македонија. Делегати: Марко Треспиди од Италија и Виктор Конопласти од Украина.

ВЕСПРЕМ: Штербик (8 одб., 1 сед.), Миклер (8 одб., 1 сед.),Манасков, Илиќ 1/1, Тонесен 2/4, Гајиќ 5/7, Нилсон, Наѓ 3/3, Маргуч, Штрлек 4/5, Терзиќ, Благотиншек 2/2, Ненадиќ 12/14, Мае 0/2, Мацковшек 0/1, Лекаи 4/7.

Седмерци: 4/6, Исклучувања: 8 мин.

КЕЛЦЕ: Цупара (6 одб., 1 сед.), Ивиќ, Бис, А. Душебаев 7/12, Валах, Агинагалде 0/2, Јахлевски 1/3, Јанц 3/5, Лијевски 0/1, Јуркиевиќ 1/3, Кулеш 3/6, Морито 2/3, Мамиќ 2/2, Циндриќ 5/10, Перез Анхел 1/1, Каралек 5/7.

Седмерци: 2/4, Исклучувања: 4 мин.