Веспрем домаќин на завршницата од СЕХА лигата!

Овогодинешното издание на Фајнл Фор турнирот во регионалната СЕХА лига, ќе се одржи од 25 до 29 Март 2015. Управата на СЕХА лигата по инспекција на капацитетите на спортскиот комплекс во Веспрем како и сместувачките капацитети и инфраструктурата ја додели организацијата на Фајнл Фор турнирот на унгарскиот шампион.
На турнирот ќе учествуваат шест најдоброрангирани екипи, а тимовите кои се пласирани на првите две места на табелата по регуларниот дел од лигата ќе играат директно во полуфинале. Останатите четири екипи ќе играат елиминациски дуели за влез во полуфиналето.
Веќе е познато дека Веспрем е најдобрата екипа во регуларниот дел, а по нив следува Вардар на втората позиција. Во борбата за трето место учествуваат три екипи, а моментално најдобро пласиран е хрватскиот шампион ППД Загреб, по што следуваат словачкиот Татран Прешов и белорускиот Брест Мешков. Неизвесна е борбата за последното шесто место кое води до завршницата во Веспрем, македонскиот шампион Металург заостанува еден бод зад Нексе, но има натпревар помалку од хрватскиот вице-првак.
Утре со почеток од 20:55 минути во Бања Лука, Металург мора да ги одигра најдобрите шеесет минути доколку сака да ги одржи шансите за пласман меѓу најдобрите шест. Во последното коло, тимот од Автокоманда ќе има тешка задача во арената „Борис Трајковски“ да го победи белорускиот шампион од Брест.