Веспрем бара милион евра за услугите на најдобриот централен бек во светот!

Барселона неуморно го гради тимот за иднината, откако клубот го напуштија величини како Кирил Лазаров и Нодесбо. Но освен словенечкиот десен бек Јуре Доленец кој потпиша пет годишен договор сè уште нема официјални соопштенија за новите аквизиции на каталонскиот гигант.

Од 2018 година во Шпанија ќе пристигне и младиот француски пивот Лудовиг Фабрегас, а како привремено решение Барселона се одлучи да го ангажира кубанскиот интернационалец од составот на Порто Алескис Боргес, трансфер кој не е потврден од клубот.

Како потенцијално ново засилување шпанските медиуми веќе го промовираа младиот и талентиран французин Јанис Лене. Десното крило треба да пристигне од француската екипа Селестат откако двете управи се договориле за обештетување од 50000 евра.

Сепак главна тема во Шпанија е според многумина најдобриот среден бек во светот, Арон Палмарсон. Главната ѕвезда која треба да донесе нова димензија во составот на Барселона, исландскиот плејмејкер Арон Палмарсон сè уште не ја потврдил својата иднина во Барселона.

Дваесет и шест годишниот исланѓанец кој со екипата на Веспрем има договор до летото 2018 година, според шпанските медиуми веќе се договорил со шпанскиот првак и токму Барселона ќе му биде следната дестинација. Тој ќе го замени Раул Ентрериос, искусниот шпански репрезентативец кој со 37 години најверојатно ќе ја напушти екипата на Чави Пасквал.

Сепак повредата на Ласе Андресен и формата на екипата ја натераа управата на Барселона да се обиде да го доведе исланѓанецот уште оваа сезона. Преговорите со Веспрем веќе се започнати, а управата на унгарскиот гигант како крајна граница за да се откажат предвреме од услугите на Палмарсон ја постави сумата од еден милион евра. Сума која ПСЖ еднаш и ја плати на Барселона како обештетување за услугите на Карабатиќ. Дали шпанскиот гигант е подготвен да издвои толкаво богатство или ќе ја почека 2018 година ќе се знае во наредните три недели.