Весиќ: Бутел е најголем фаворит за Суперлигата, ние сме скромна екипа во формирање

Бутел го доби прволигашкото дерби на гости на Металург Јуниор со 20:22. Гледачите во салата „Расадник“ имаа можност да следат интересен натпревар, во кој ритамот на домаќинот беше пореметен поради повредата на десниот бек Виктор Петковски, а искусниот гостин знаеше како да одигра во финишот и да ја обезбеди победата. Тренерот на домашните Благојче Весиќ, токму моментот кога останаа без главниот играч, го смета за клучен на мечот.

„Пресудно беше отсуството на повредениот Виктор Петковски и без него игравме две третини од мечот. Ова за нас е голем успех, бидејќи Бутел треба да победи, тие се екипа со неколку илјади евра буџет, ние сме скромна екипа во формирање, па јас ова го гледам како мотив за понатаму. Би им честитал на моите играчи за борбеноста, имавме тежок период по повредата на Петковски, меѓутоа издржавме бевме во игра, пробавме да го надоместиме неговото отсуство. Двајцата голмани беа на ниво, публиката виде одличен ракомет.“ – изјави Весиќ.

Бутел и Металург Јуниор од ракометната јавност се издвојуваат како најголеми фаворити за пласман во Суперлигата.

„Не би се сложил со сите медиуми. Не издвојуваат нас и екипата на Бутел, меѓутоа има три четири екипи што ќе бидат во конкуренција за бараж мечот, а јас би ја издвоил екипата на Бутел како најголем фаворит за пласман во Суперлигата. Понатаму може да се очекува добри и интересни натпревари.“ – заврши Весиќ.