Велешки Борец останува меѓу македонската елита

Составот на велешки Борец и наредната сезона ќе настапува во најсилната македонска Супер лига. Во бараж дуелот кој требаше да го даде последниот патник меѓу македонската елита Борец беше поуспешен од прволигашот Вардар 2 и со конечен резултат 26-20 славеше пред неутралните ракометни гледачи во спортската сала Р. Р. Ричко во Прилеп. Вардарци посакуваа историски три екипи во најсилната конкуренција, но младите ракометари кои ја завршија сезоната како второпласирани во втората по ранг национална лига, не беа вистинска конкуренција за ракометарите на Борец од Велес.

Македонската Супер лига од септември ќе ја започнат десет екипи. Единствена новина ќе биде тимот на ХСЈ Работник кој ќе го завземе местото на Металург 2, откако битлчани ја освоија првата позиција во првата ракометна лига. Освен Работник за место во плеј-оф фазата ќе се натпреваруваат Макс Струмица, Прилеп, Охрид, Работнички, Пелистер, Вардар Јуниор, Радовиш, Тинекс Пролет и Борец. Македонскиот шампион Вардар и вицепрвакот Металург ќе настапуваат во СЕХА лигата, а во националното првенство ќе се приклучат во пролетниот дел односно директно во плеј-оф фазата.