Вардар Јуниор подобар од Војводина во Челинџ купот

Денес во СЦ ,,Јане Сандански” се одигра првиот натпревар од осминафиналето од Челинџ купот помеѓу Вардар Јуниор и Минаква Војводина. Првото полувреме им припадна на домаќинките на овој натпревар, а од 10-та минута па се до 20-та екипата од Нови Сад имаше предност од два разлика. Благодарение на одличната голманка на Вардар, Нина Ладева, која имаше одредени блесоци, и добрата ефикасност на Симона Стојановска, екипата на Вардар Јуниор успеа да се врати во водство. Првиот дел го одбележа и повредата на ракометарката од Вардар, Марија Прленда, која при контра напад се судри со голманката на Војводина, Невена Радијчиќ, и заработи сериозна повреда.

На полувреме Вардар Јуниор замина со предност од 14-13.

Во вториот дел со головите на Трпковска и Нолевска домаќинките зголемија на плус три, 13-16, а на голот Љупка Белмезова ја замени Нина Ладева. Во текот на 35-та минута домашната екипа предводена од Митова го зголеми водството за највисоки четири разлика, 18-14. Сепак во последните 15 минути од натпреварот ракометарките на Вардар Јуниор им дозволија на гостинките да се вратат целосно во игра. Сепак по советите на тренерот, Симовски, младите ракометарки на Вардар успеаа да слават во првиот дуел против Војводина со 26:24 и ја забележаа третата победа во Челинџ купот.

Најефикасна во екипата на Вардар беше крилото Сара Митова со седум погодоци.

Реванш натпреварот се игра утре со почеток од 15ч во СЦ ,,Јане Сандански”. Влезот за сите љубители е слободен.