Вардар Јуниор го декласираше Борец

Ракометарите на Вардар Јуниор на гостувањето во Велес во рамките од четвртото коло на Супер лигата, го декласираа ГРК Борец со резултат 17:33 (6:14). Уште од самиот старт Вардар имаше предност која од минута во минута ја зголемуваше до крајот на натпреварот. Бодрени од 1500 љубители во спортската сала „Гемиџии“ домашните ракометари одиграа лош натпревар, а бројните грешки, резултираа со висок пораз на домашен терен.
По лошиот старт на сезоната, екипата на Пепи Манасков со серија од две победи се врати во трката за место меѓу екипите кои ќе се пласираат во македонскиот плеј-оф.
Во составот на Вардар Јуниор тројца ракометари постигнаа по пет голови: Недановски, Јовчевски и Андовски. Во домашниот состав Икоманов, Трчков, Лазаревски и Јанев беа стрелци на три голови.

Во следното коло екипата на Вардар Јуниор во Кале е домаќин на РК Прилеп, додека ракометарите на ГРК Борец гостуваат во Скопје против РК Работнички.