Вардар ја совлада Војводина и се загреа за Рајн Некар

Со многу измени во составот и со еден дебитант на голот, екипата на Вардар денеска дојде до уште една победа во СЕХА-лигата и успеа да ја продолжи серијата на добри резултати во натпреварувањето во која веќе има 30 победи и едно реми во серија. Овој пат Вардар ја совлада Војводина со 33:26.

Во тимот на Војводина, Вардар имаше ривал против кој можешеда се одморат оние играчи што влечат повреди, но и да се одиграат акциите на коишто ќе се смета в сабота проти Рајн Некар во 4. коло од Лигата на шампионите.

Вардарци почнаа мирно и немаше потреба премногу да се форсира бидејќи водството се имаше од почетокот на натпреварот. Немаше никаков проблем во тој дел да се има позитива која гарантираше простор за нова победа, па беше јасно дека треба само да се одигра на ниво во одбраната за да се дојде до успех.

Во првиот дел се оставаше повеќе простор и Војводина тоа успеа да го искористи за да дојде до негатива од два гола на одморот. „Црвено-црните“ отидоа со предност од 17:15, но потоа во вторите 30 минути влегоа далеку посериозно и за 15 минути успеаја да отидат на плус осум, 28:20, па немаше поголем проблем за да се дојде до нова победа.

Актуелниот освојувач на СЕХА на оваа средба го претстави новиот голман, Калифа Гедбан кој средбата ја почна во грч, но потоа успеа да се опушти и имаше неколку одбрани на зицер удари со кои учествуваше во создавањето на предноста.

ВАРДАР – ВОЈВОДИНА              33:26 (17:15)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 500. Судии: Борис Милошевиќ и Матија Губица од Хрватска. Делегат: Камер Металари од Македонија.

ВАРДАР: Гедбан (9 одб.), Кизиќ, Петковски, Недановски 1/1, Оцвирк 2/3, Поповски 2/6, Кристопанс 2/2, Карачиќ 1/4, Скубе 4/4, Калараш 3/5, Чупиќ 3/3, Дибиров 2/2, Шишкарев 1/2, Војводиќ 3/6, Кисељев 9/9.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: –

ВОЈВОДИНА: Перовиќ (9 одб.), Веркиќ, Овчина 3/6, Милиќ 5/5, Мирковиќ, Челица, Потпара  3/8, Анѓелковиќ 1/1, Маријанац, Ратковиќ 2/2, Продановиќ 1/4, Томиќ 3/6, Станковиќ 3/5, Тркуља, Милашевиќ, Грозданиќ 5/5.

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 4 мин.