Вардар ја започнува битката за трета титула во СЕХА лигата!

Во 17:45 ќе започне расплетот околу старо-новиот владетел во регионалната лига, Вардар ја има честа да го отвори полуфиналниот ден со натпреварот против Мешков. Во реприза на минатогодишното финале Мешков овој пат засилен со најдобриот поединец во белорускиот состав Никола Манојловиќ ќе се обиде преку Вардар да го направи клучниот чекор кон освојување на првата историска титула за клубот во регионалното натпреварување. Вардар ќе ја започне одбраната на титулата без Дибиров, Брумен и Абутовиќ, а колкава ќе биде минутажата на Карачиќ ќе зависи од играта на Вардар и тренерот Гонзалес.
Во досегашните средби Вардар води со 5-2 по бројот на победи, а последен пат Мешков ги совладал оваа сезона, во ноември, на домашен терен во Брест со резултат 30-22. Вардарци го добија последниот дуел во Скопје, во спортскиот центар „Јане Сандански“, а конечниот резултат гласеше 28-25 за „црвено-црните“.
Вардар е една од трите екипи кои обезбедија пласман помеѓу најдобрите осум тима во Европа, а Мешков е единствената екипа од полуфиналистите во СЕХА лигата, која го заврши натпреварувањето во Лигата на шампиони уште во групната фаза.
Мотивација повеќе за Мешков или Вардар ќе пресуди првиот полуфинален меч во Веспрем арената кој е закажан за 17:45.