Вардар ја заокружи доминацијата во македонската лига со десетта шампионска титула

На две кола пред крај на натпреварувањето во шампионатот на Македонија, Вардар може да започне со прослава на 10-тиот пехар во националното првенство. Денес во спортската сала Автокоманда беше даден одговорот на единственото прашање кое се поставуваше изминативе триесет денови. Дали Металург може да го изненади Вардар? Делумно составот на Лино Червар го доби одговорот во финалето на Купот на Македонија, но последната трошка надеж изчезна десет минути пред звукот на семафорот да означи крај во спортската сала „Автокоманда“. Вардарци по трет пат оваа сезона го совладаа Металург, овојпат со 21-24 и на две кола пред крај ја осигураа титулата во домашната лига.

Оптимистички делуваа најавите од таборот на Металург пред реванш мечот кој реално требаше да го даде победникот во Суперлигата. Откако во „Јане Сандански“ успеаа да се изборат за поволен резултат (26-22), младите металурзи засилени за Божовиќ, Дупјачанец и Вујовиќ успеаа да му парираат на Вардар само во првите осум погодоци од натпреварот. Со серија од три погодоци Вардарци создадоа предност (4-7) која до крајот на првиот дел се зголеми на четири, за 8-12 по првите триесет минути.

13271734_10153469746636644_1543246524_o

Во вториот дел продолжи истата динамика. „Црвено-црните“ рутинирано го водеа натпреварот кон својот крај, одиграа онолку колку што беше доволно да заминат со нова победа од гостинскиот терен на некогаш лутиот ривал. По шеесет одиграни минути остана запишан резултатот 21-24 за нова јубилејна титула на Вардар.

Најпрецизен на теренот беше Филип Талевски со девет погодоци, додека Јанко Божовиќ постигна пет за својот тим. Кај гостите Душебаев и Карачиќ постигнаа по пет голови, додека Манасков и Горбок ги следеа со по три погодоци.

ФОТО:ФИЛИП ВИРАНОВСКИ