Вардар шампионски во дербито од СЕХА лигата

Во натпревар од првото коло на СЕХА лигата, во скопското мега дерби актуелниот бранител на титулата, Вардар како домаќин го пречека актуелниот македонски шампион Металург.

Во полувреме за заборав за „сино-белите“, Металург постигна само 6 голови за целосна доминација на „црвено-црните“ и резултат 13-06 на крајот на првиот дел. Во пеколот на СРЦ „Кале“, предводени од својот осми играч „комитите“, со одлична компактна одбрана предводена од Арпад Штербик и прецизен напад по 11 минути игра, актуелните владетели во СЕХА лигата имаа 5-0 предност. Од другата страна со неорганизизран напад, многубројни лесно продадени топки Металург тонеше во сопствените грешки, единствено, светла точка беше централниот бек Лука Циндриќ кој до 25-та минута беше единствен стрелец за тимот од Автокоманда.

Второто полувреме понуди поатрактивен и понеизвесен натпревар, достоен за балканското дерби. Металург заигра поангажирано и веќе во 47-минута со голот на Лука Циндриќ намали на само еден гол негатива 18-17. Тоа беше знак за будење за „црвено-црните“ за нова серија и предност од четири голови во 53-та минута 21-17, со голот на Тимур Дибиров. Брумен во 55та минута ги одведе „вардарци“ на  пет голови предност 23-18 за крај на надежите на Металург. Конечните 27-21 ги постави Борозан за прв пораз на Металург, а втора победа на Вардар во СЕХА сезоната 2014/2015.

Најпрецизен во таборот на „црвено-црните“ беше Сергеј Горбок со 9 погодоци од 11 обиди, додека на „сино-белата“ страна Лука Циндриќ постигна 5 и заедно со Дејан Манасков кој имаше шест погодоци беа најдобрите поединци во тимот од Автокоманда.

На натпреварот не настапија Дарко Станиќ, Ренато Вугринец и Ванчо Димовски од редовите на актуелниот македонски првак, додека во дресот на „вардарци“ скопската публика немаше можност да го види новото засилување на левата бековска позиција, Блаженко Лацковиќ кој заедно со Петар Ангелов, Стојанче Стоилов и Владимир Петриќ не беа во ростерот за овој натпревар.

Во следното коло Металург го очекува вистински предизвик на гостувањето во Веспрем, додека Вардар ќе има полесна задача со Борац.