Вардар трет клуб со најголема посетеност на домашен терен во ЛШ, Металург на 11.позиција

По три натпревари на домашен терен кои секоја екипа ги одигра во досегашниот тек од ЕХФ Велукс Лигата на шампионите, ППД Загреб се наоѓа на првата позиција, а по него следуваат германски Кил и македонскиот шампион Вардар. Досегашните 84 одиграни натпревари биле проследени од нешто повеќе од 300 000 гледачи, или 3623 гледачи по натпревар.

ППД Загреб е водечки тим на оваа листа со 11 266 гледачи по натпревар на домашен терен или вкупно 33 800 посетители на трите натпревари. По него следува Кил, каде на секој натпревар присуствувале по 9007 гледачи или вкупно 27 022, а на третата позиција се наоѓаат Вардар и „Јане Сандански“ која на секој домашен натпреавар прима по 5500, или вкупно 16 500 гледачи.
Првата петорка ја затвораат екипите на Висла Плок и Веспрем кои имаат по 5000 посети по натпревар.

Вториот македонски претставник во ЛШ, екипата на Металург се наоѓа на 11.место со 3833 гледачи по натпревар или 11 500 посетители во трите натпревари на домашен терен досега.