Вардар тргнува од Нови Сад во одбрана на Сеха титулата

Денес од 18 часот во спортската сала “Слана Бара” во Нови Сад, екипата на Вардар го започнува патот за одбрана на титулата освоена токму на истото место мината година. Противник е екипата на Војводина која во натпреварот од првото коло против унгарски Веспрем беше високо поразена со 19:32, најавувајки беспоштедна борба против Вардар, иако новосаѓани се свесни кој е кој на овој натпревар.

Тренерот на домашната екипа Ѓорѓе Чирковиќ е свесен за квалитетот на Вардар, но најавува дека неговата екипа нема да излезе со бело знаме на овој натпревар.

-Вардар е моќна екипа, која исто како и Веспрем има репрезентативци од шест различни земји. Тоа е многу искусен тим. На секоја позиција имаат по два или три квалитетни ракометари почнувајки од голманското трио Штербик, Милиќ и Ангелов, преку Дибиров и Марковиќ на левокрилната позиција, бековска линија која е предводена од Горбок, Лацковиќ, Карачиќ, Прибак, Лазаров, а тука е и најдобриот млад ракометар во Европа, Алекс Душебаев. Се надевам дека моите ракометари ќе ја повторат играта од првото полувреме во натпреварот против Веспрем.

И плејмејкерот на Војводина, Бојан Тодоровиќ има само пофални зборови за екипата на Вардар:

-По натпреварот со Веспрем, играме против уште една Топ екипа.Можам да ветам дека ќе дадеме се од себе да го направиме овој натпревар неизвесен, и се надевам дека нашите навивачи ќе уживаат. Имаме млада екипа на која и е потребно време.

Капитенот на Вардар, Филип Лазаров најавува дека во премиерниот натпревар од новата сезона во Сеха лигата треба да се влезе претпазливо:

-На почетокот на сезоната изненадувањата се можни па затоа треба да бидеме внимателни на премиерниот натпревар против Војводина во Нови Сад. Секоја екипа ја започнува сезоната со високи амбиции и нови ракометари. Мораме да влеземе во натпреварот сериозно доколку сакаме да победиме. Имавме тежок подготвителен период играјќи на два турнира на кои загубивме во финалните натпревари. Во овој момент екипата е малку уморна, но ние сме екстра екипа, со многу квалитетни ракометари на секоја позиција и мораме да покажеме зошто сме актуелни шампиони на Сеха лигата.

Натпреварот помеѓу Војводина и Вардар (само второ полувреме) можете да го гледате на собранискиот канал од 18:00 часот.