Вардар со шампионска игра го помина и Рајн Некар

Шампионската игра на ракометарите на Вардар продолжи и против Рајн Некар. Иако потешко отколку на средбите против Монпелје, Кристијанштад и Веспрем, сепак, победата беше обезбедена во пеколот во „Јане Сандански“ о 29:27. Со одлична игра во второто полувреме на крајот бодовите останаа во Скопје, а вардарци се неприкосновени во групата А.

После израмнетата игра на стартот во која и двете екипи долго ги испитуваа силите и никој не успеваше да дојде до предност поголема од еден гол, гостите успеаја после 15. минута да дојдат до позитива. Предноста беше два гола, но во финишот на првиот дел беше зголемена и до три погодоци.

Вардарци постојано беа во негатива, но не застануваа туку одеа со сите сили, кон остварување на планот, а требаше да се вложи максимум за да се сврти мечот. Во последните моменти од првото полувреме, сепак, дојде голот за намалување на 13:15, а беше дело на Дибиров од пенал.

После одморот работите тргнаа сосема поинаку за вардарци. Првото водство дојде на самиот старт на вториот дел. Набрзина двата гола негатива од одморот беа неутрализирани, а тоа овозможи натпреварот да добие на дополнителна неизвесност и динамика. Играта на Вардар беше подобро особено во одбраната. Се тактизираше и се менуваше. Неколку минути се играше 5-1, а тоа даде простор за контри и лесни погодоци бидејќи често и голот на гостите беше празен.

Првото водство дојде при 17:16, па тука Вардар успеа да дојде до контрола на резултатот и гостите беа тие што мораа да бркаат. Таквата игра отвори шанса и за предност од два гола, а тие дојдоа на средина од вториот дел кога „црвено-црните“ поведоа со 24:22. На овој резултат Милосављев го запре Сигурдсон, кој не успеа да искористи удар од седум метри, но не беше искористена можноста за плус три.

Оваа позитива дојде при 28:25 во моментите кога до крајот на средбата остануваа уште седум минути. Се чинеше дека ова е резултат кој е доволен за до крајот да се доврши противникот кој не се снаоѓаше најдобро во вториот дел особено кога играше со седум ракометари во напад.

Рајн Некар намали до 28:27 и имаше шут за нерешен резултат. Сепак, ударот на Фет заврши во пречката, па веќе во следниот напад Вардар од пенал дојде до нова предност од два гола, 29:27. Овој резултат остана до крај, па на Германците им остана да капитулираат по шесттипат во пресметките со Вардар во Лигата на шампионите.

ВАРДАР – РАЈН НЕКАР                29:27 (13:15)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 4000. Судии: Ненад Николиќ и Душан Стојковиќ од Србија. Делегат: Хелмут Виле од Австрија.

ВАРДАР: Милосављев (11 одб., 1 сед.), Гедбан, Стоилов, Поповски, Кристопанс 3/8, Мораеш 3/4, Карачиќ 4/6, Скубе 3/3, Калараш 1/3, Чупиќ 2/3, Дибиров 8/9, Шишкарев 1/1, Борозан 4/10, Војводиќ, Кисељев, Мишевски.

Седмерци: 5/6, Исклучувања: 6 мин.

РАЈН НЕКАР: Апелгрен (9 одб.), Паличка (1 одб., 1 сед.), Шмид 5/13, Липовина, Сигурдсон 6/7, Радивојевиќ, Толбринг, Абутовиќ, Ларсен 1/2, Фет 1/2, Грецки 0/2, Талески 1/1, Гвардиола, Петерсон 7/10, Нилсен 1/1, Колбахер 5/7.

Седмерци: 1/2, Исклучувања: 8 мин.