Вардар со стил им се врати на победите во ЛШ!

Ракометарите на Вардар со победа над дански Колдинг од 34-24 (18-8 ) ја прекинаа низата од три порази по ред во ЕХФ Велукс Лигата на шампионите, и повторно се замешаа во борбата за висок пласман во групата Б.

ВАРДАР-КИФ КОЛДИНГ КОПЕНХАГЕН 34-24 (18-8)

Првото и единствено водство за гостите го донесе Ласе Андерсон во првата минута од натпреварот. Од тој момент на паркетот во СЦ „ Јане Сандански“ царуваше македонскиот шампион. Вардарци најпрво одговорија со серија од 5-0 со која поведоа со 5-1 по осум минути игра. Фантастичната одбрана водена од одличниот Штербик на голот (12 одбрани во првото полувреме) како и разноврсната игра во нападот беа еден од клучните фактори за одличната игра на црвено-црните. Цели десетина минути гостите останаа на тој еден постигнат погодок што доволно говори за цврстината на вардаровата одбрана. До крајот на полувремето вардарци ја користеа секоја грешка на противникот буквално полнејки ја до врв мрежата на Колдинг. Точка на првиот дел стави Тимур Дибиров кој со својот четврти погодок донесе двоцифрени 18-8, што беше и конечен резултат по триесет минути игра.

kolding-3

Вардарци и во воведните десетина минути од вториот дел продолжија со исто темпо. Штербик продолжи да царува на голот, а Душебаев со својот трет погодок ги зголеми на високи 24-12 за Вардар. На средината на второто полувреме тренерот Гонзалес почна да ги ротира ракометарите, а нововлезените на најдобар начин вратија за укажаната доверба. Милиќ исто како и на претходниот натпревар против Киелце покажа дека може да биде одлична замена за Штербик, а со воодушевување беше поздравено и влегувањето на македонското трио Манасков, Стоилов и Лазаров во игра. Колдинг без класичен десен бек тешко го наоѓаше патот до вардаровата мрежа, а Циндриќ со својот четврти погодок во 47.минута зголеми на највисоки 28-15. Се редеа актрактивни потези, Манасков заигра во свој стил и со своите погодоци само ја потврдуваше вардаровата доминација над данскиот шампион. Точка на натпреварот стави Хорхе Македа за конечни 34-24.

Најпрецизни во редовите на македонскиот шампион беа со по 4 постигнати погодоци беа Циндриќ,Брумен и Дибиров. Во екипата на Колдинг Спелерберг 6 пати ја затресе вардаровата мрежа.

По овој дуел следува пауза во Лигата на шампионите, каде вниманието на ракометната јавност се насочува кон Европското првенство во Полска кое е на програмата од 15 до 31 јануари. Своите натпревари во најсилното ракометно натпреварување црвено-црните ќе ги продолжат на гостувањате во Манхајм против Рајн Некар Ловен. Овој дуел е закажан за 11 февруари 2016 година.