Вардар со победа го отвори второто коло на македонскиот плеј-оф

Ракометарите на Вардар во рамките на второто коло од плеј-оф фазата во Суперлигата, во СЦ”Јане Сандански” каде условно домаќин беше Работнички ги совладаа црвено-белите со резултат 26-38 (16-22).

Ракометарите на Андон Бошковски цели дваесетина минути успешно му парираа на Вардар, а во седмата минута имаа водство од +2 (6-4). Меѓутоа вардарци многу брзо се вратија во игра, и со серија од 4-0 која ја отвори Македа, а ја затвори Тоскиќ поведоа со 6-8. Работнички до 20.минута успеваше да одржува резултатска неизвесност, а во последните десетина минути од првиот дел Вардар преку расположените Манасков и Циндриќ стигна до опиплива разлика од 16-22, што беше и конечен резултат по триесет минути игра.

Во второто полувреме Вардар во рутинска игра само ја зголемуваше својата предност која во 45.минута стигна до највисоки +13 (20-33). До крајот во македонскиот шампион успеа да ја сочува високата разлика за конечни 26-38, за втор триумф во македонскиот ракометен плеј-оф.

Најпрецизни во екипата на Вардар беа Манасков со 6, а Циндриќ и Карачиќ постигнаа по 5. Голманот Милиќ забележа 10 интервенции. Во составот на Работнички Мојсоски постигна 7, а Марсениќ реализираше 6.