Вардар со минус два патува за Полска: Киелце го освои Скопје! (ФОТО)

Спортскиот центар “Јане Сандански” беше претесен за сите љубители на ракометот. Вардар го пречека полскиот шампион Киелце во рамките на четврт-финалето на Лигата на шампионите. Вардарци пред овој меч совладаа уште една Полска екипа, Висла Плоцк, додека екипата предводена од Талант Душебаев по двата дуела беше поуспешна од Монпелје.
Вардар 20-22 Киелце (11-11)
“Црвено-црните” во распродадената “Јане Сандански” поттикнати од атмосферата, одиграа одлични три минути за почетно водство од 2-0. Пет минути беа потребни за првиот гол на Киелце, Јурецки беше ракометарот кој ги одржуваше надежите на полската екипа. Две минути во средината на првото полувреме беа доволни Киелце да се врати во натпреварот. Во 18-та минута Чупиќ го изедначи резултатот на 8-8, а минута подоцна Ткачик со својот втор гол го донесе првото водство за гостите за 8-9. Знак за претпазливост на клупата на Вардар. Руското дуо Дибиров и Горбок повторно го вратија водство за 10-9 во 23-та минута. Во изедначена борба до крајот на првиот дел, двете екипи заминаа на полувреме со 11-11.
FLP_0646
Вардарци одлично го започнаа вториот дел, мотивот и желбата за победа ги одведоа на првите три голови предност 15-12. Наместо да ја завршат работата уште на првиот натпревар, ракометарите на Вардар со серија грешки дозволија противникот во 17-та минута по три голови во низа, да го изедначи резултатот на 15-15. Биелецки повторно беше ракометарот на одлука, во 19-та минута го одведе полскиот шампион на еден гол предност, што претставуваше клучен момент на овој натпревар. Вардарци со брзоплети напади се обидуваа да создадат што поголема предност, а Киелце ги искористи сите грешки на македонскиот тим и создаде капитална предност од три голови 19-22. До крај на натпреварот домаќините постигнаа уште еден погодок за конечен резултат 20-22.
FLP_0782
Најпрецизен во екипата на Вардар беше Горбок со пет, додека Карачиќ и Стоилов постигнаа по четири, кај полјаците Штрлек постигна пет.
ФОТО:ФИЛИП ВИРАНОВСКИ

Забрането превземање на фотографии без одобрение од Редакцијата