Вардар се помачи за нови бодови, Партизан остана без Гроздановски

Ракометарите на Вардар Неготино остварија уште победа на домашен терен, овојпат против Партизан Гевгелија со 22:19. Гостите иако играа само со 10 ракометари во ростерот сепак дадоа голем отпор и неготинци мораа да се помачат за да стигнат до победата.

Избраниците на Драган Сукара отворија одлично со водство од 2:0 и 5:2, но гостите по одличните интервенции на голманот Стојов стигнаа до 6:6, па се играше гол за гол до 9:9, пред Партизан преку Гроздановски да поведе и со 9:11. Сепак на полувреме се замина со нерешени 12:12.

Во ист стил беше и стартот на вториот дел се до 16:16, пред десното крило на гостите, Виктор Гроздановски, да ја скрши раката по незгоден доскок. Тоа беше клучен момент на мечот, бидејќи Партизан остана без можеби најдобриот поединец до тој момент. Потоа домашните со серија од 4 голови стигнаа до 20:16 и се чини го решија победникот.

Се врати на Партизан на 20:18 но веќе беше доцна за нешто повеќе и мечот заврши со 22:19. Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Драган Кузманов со 5 голови, а по 4 дадоа Коцев и Арсов. Кај гевгеличани, Гроздановски со 9 и Митревски со 5 беа најистакнати.