Вардар се враќа од Катар со бронза и 150 000 долари: Ал Саад издржа едно полувреме во натпреварот за трето место

Македонскиот првак РК Вардар од Доха ќе се врати побогат за 150000 долари, откако го освои третото место на престижниот Супер Глоуб. Актуелниот европски шампион немаше посериозни проблеми во натпреварот за бронза на неофицијалното светско клупско првенство и го совлада Ал Саад со резултат 19-37.

Првото полувреме донесе неизвесност и возбудувања, откако свои периоди имаа голманите на двете екипи Арпад Штербик и Даниел Шариќ. Вардар одлично отвори и по 6 минути имаше предност од  1-4, но катарскиот првак бргу ја надомести разликата. Лошиот период за „црвено-црните“ кои повторно имаа проблем со реализацијата, им донесе прво водство на катарците од 6-5 по 12 минути игра. Но радоста на азискиот претставник не траеше долго. Европскиот првак се врати во игра, го фати својот ритам и до 22та минута имаше нова предност од три гола за 7-10. Се обиде домаќинот да се врати во овој меч, успеа да дојде до негатива од -1, но не и повторно да го израмни резултатот. Во последните пет минути Вардар го подигна нивото на игра и на полувреме замина со највисока разлика од четири голови, или конечни 10-14

Шишкарев на почетокот на второто полувреме ја најави доминацијата на Вардар. Одличната игра на европскиот првак продолжи иако во составот шанса доби и Јања Војводиќ, а на голот на Вардар застана Даниел Ѓоргевски. Цврстата одбрана и брзите голови им донеса на „црвено-црните“ двоцифрена предност од 12-22. Разликата продолжи да се зголемува, а Вардарци рутинирано го приведоа натпреварот кон посакуваниот крај. Точно на средина на второто полувреме македонскиот првак имаше предност од  14-27, а до крајот на натпреварот разликата постојно се зголемуваше за конечни 19-37.

До крајот на турнирот останува да се одигра уште финалето во кое екипата на Фуксе Берлин ќе ја брани титулата против составот на Барселона. Во натпреварите за пласман составот на Гачшаран го избегна последното место со минимална победа над составот на Сиднеј Универзитет со 27-24, додека бразилскиот првак беше поуспешен од туниска Есперанца со конечен резултат 32:29 и освоено петто место.